2 Kings 7
1 Тогаш Елисеј рече: „Чујте го словото Господово: Вака вели Господ: ‚утре во ова време една сеа чисто брашно ќе чини еден шекел, а две сеи јачмен — еден шекел, пред портите на Самарија.‘“
2 А дворјанинот, врз чија рака се потпираше царот, му одговори на Божјиот човек и рече: „Ако Господ отвореше дури и прозорци на небото, и тогаш ќе можеше ли да се случи такво нешто?“ А тој рече: „Ете, со очите свои ќе го видиш тоа, но не ќе јадеш од него.“
3 При влезот на портите имаше четворица лепрозни, и тие си говореа еден на друг: „Зошто да седиме тука, очекувајќи ја смртта?
4 Ако сакаме да одиме во град, во градот има само глад, и таму ќе умреме; ако, пак, седиме тука, пак ќе умреме. Подобро да одиме во логорот на Арамејците: ако нѐ остават живи, ќе живееме; ако нѐ убијат, ќе умреме.“
5 И станаа во самрак за да одат во арамејскиот логор. И дојдоа до крајот на логорот, и ете, таму нема ниеден човек.
6 Зашто Господ беше направил така што во арамејскиот логор се слушна топот од коли, 'ржење на коњи, шум од голема војска. И Арамејците си беа рекле еден на друг: „Навистина, израелскиот цар ги најмил против нас хитиските и египетските цареви за да нѐ избркаат.“
7 Затоа беа станале и избегале во темнината и ги оставиле шаторите свои, и коњите свои, и магарињата свои — целиот логор, како што си бил, и беа избегале за да се спасат.
8 И лепрозните дојдоа до крајот на логорот, влегоа во еден шатор, јадеа и пиеја, и зедоа оттаму сребро, и злато, и облека, па отидоа, та ги сокрија. Влегоа и во друг шатор, и оттаму зедоа плен, па отидоа и го сокрија.
9 И си рекоа еден на друг: „Не правиме добро. Овој ден е ден за радосна вест; ако се забавиме и чекаме да се раздени, ќе бидеме виновни. Затоа да одиме и да соопштиме во царскиот дом.“
10 Дојдоа, ги повикаа царските вратари и им раскажаа, велејќи: „Бевме во арамејскиот логор, и ете, таму нема ни човек, ни глас човечки, туку само врзани коњи, и врзани магариња, а шаторите, оставени како што си се.“
11 Вратарите извикаа и ја соопштија веста во самиот царски двор.
12 Преку ноќта царот стана и им кажа на слугите свои: „Ќе ви кажам што спремаат со нас Арамејците. Тие знаат дека страдаме од глад, та излегле од логорот да се сокријат во нивите, мислејќи вака: кога ќе излезат од градот, живи ќе ги фатиме и ќе навлеземе во градот.“
13 Одговори еден од слугите негови и му рече: „Да земеме пет коњи од останатите во градот, зашто и онака и тие ќе погинат како сето мноштво Израелци што остана во градот. Да испратиме и да видиме.“
14 И зедоа два впрегнати коња. И царот испрати по арамејската војска, велејќи: „Одете и видете!“
15 И одеа по нив до Јордан; а тоа, целиот пат беше посеан со облеки и други предмети што Арамејците ги беа исфрлиле во брзото свое бегање. Се вратија пратениците и му јавија на царот.
16 Тогаш народот излезе и го разграби логорот на Арамејците, и една сеа чисто брашно се продаваше за еден шекел сребро, а две сеи јачмен — за еден шекел сребро, според словото Господово.
17 И царот го остави кај портите оној дворјанин, врз чија рака се потпираше, и народот го притисна на портите, и тој умре, како што беше рекол Божјиот човек, кога царот беше кај него.
18 Кога Божјиот човек му беше зборувал на царот вака: „Две сеи јачмен — за шекел, и една сеа чисто брашно — за шекел ќе се продава утре во ова време пред портите на Самарија,“
19 тогаш тој дворјанин му одговори на Божјиот човек и рече: „Ако Господ дури и прозорци отвореше на небото, и тогаш можеше ли да биде такво нешто?“ А тој му рече: „Со очите свои ќе го видиш тоа, но нема да јадеш од него.“
20 Така и стана со него: го изгази народот пред портите, и тој умре.